Амбасадори: Крушево поинтензивно да се промовира како туристичка дестинација

06.11.2014 13:04

Крушево со своите природни убавини и културно- историски споменици широко ги отвори своите порти за неколкумина амбасадори кои што го посетија градот и се воодушевија-заедничка оценка е дека Крушево треба што повеќе да се промовира како туристичка дестинација...

Амбасадорите на Франција, Италија, Унгарија, Србија и БиХ ги разгледуваа туристичките потенцијали на Крушево и можностите за поголем развој на туризмот во овој град. Ги посетија старите цркви, галерии, Спомен куќата на Тоше, историските знаменитости. Сите се согласуваат дека Крушево има огромна перспектива за развој на оваа гранка.

„Ги истражувавме условите за соработка и можностите за да се искористат европските фондови за развој на градот. Сметам дека тука добро може да се развива спортскиот туризам. Може да се развива со искористување на средства од „Еразмус плус“ програмата и на тој начин да се привлекуваат што е можно повеќе туристи“, рече Масимино Белели, амбасадор на Италија во Македонија.

Традицијата и фолклорот е она што моментално е хит за равој туризмот во светот, а Крушево тоа го има во изобилство.

„Крушево е многу автентично, и тоа треба да го сочувате, не дозволувајте модерното време да надвладее над традицијата, ние порано ја напуштивме традицијата а сега се враќаме пак кон неа, затоа што тоа е најатрактивно за туристите“, вели Душанка Дивљак, амбасадор на Србија во Македонија.

Исто така требало поголема промоција на градот за да се привлечат туристите кои транзитираат низ Македонија во лето да дојдат тука.

„Бројот на туристи кои доаѓаат од Унгарија во Македонија е се поголем. Во последните неколку години голем број Унгарци одат за Грција, но остануваат и тука на неколку дена“, исткна Јожеф Бенце, амбасадор на Унгарија во Македонија.

„Ова е можност да го претставиме Крушево како интересна туристичка дестинација, како град на културата, и преку нив да најдеме некаков пат за понатамошна идна промоција на Крушево“, изјави Ѓорѓи Дамчески, градоначалник на Крушево.

Она што најмногу ги импресионираше амбасадорите во Крушево е старата архитектура и секако вкусната традиционална крушевска кујна.

Амбасадорите истакнаа дека потенцијалите на Кушево ќе ги презентираат во своите држави.

 

Дарко Штаргоски