По саемот, расте интересот за проектот „Купи куќа- Купи стан“

06.11.2014 13:41

Постапката за аплицирање е доста едноставна, велат од Министерството за финансии...

Расте интересот за проектот „Купи куќа- Купи стан“, особено по одржаниот саем кон крајот на октомври. Постапката за аплицирање е доста едноставна, велат од Министерството за финансии. Прв чекор е да најдете стан или куќа или плац за куќа, втор е да се обратите до една од 8-те банки кои учествуваат во проектот и да поднесете документи и третиот е на Министерството за финансии да донесе одлука за одобрување на субвенцијата.

Откако ќе ги добие документите од банката, Комисија во Министерството ги разгледува и носи одлука. Комисијата ја информира банката дека одобрила субвенција и банката потоа склучува договор за кредит со кредитобарателот. Инаку, Комисијата во Министерството за финансии се состанува најмалку еднаш во 45 дена, а по потреба и повеќе пати.

Субвенциите кои ги дава Министерството за финансии се неповратни и може да достигнат и до 14.000 евра, а каматната стапка е навистина ниска и изнесува 3,95 отсто првите три години и 4,44 за четвртата и петтата година за моделот каде субвенционираме 50, односно 75 отсто од ратата од кредитот или фиксна за цело време на отплата во износ 4,5 отсто плус 6-месечен ЕУРИБОР за моделот каде субвенционираме 50 или 75 отсто од учеството во зависност дали станува збор за стан или куќа, велат од Министерството.