Американците ја пикираат Македонија за нови инвестиции
Владината економска презентација од Чикаго се сели во Лос Анџелес, еден од водечките индустриски центри во САД. Турнејата го зголеми интересот кај американските компании за инвестирање во земјава. Едни најавуваат посета на Македонија, други ги скенираат бизнис – потенцијалите...

Расте интересот на американските компании за инвестирање во Македонија. Сè повеќе бизнисмени ги скенираат потенцијалите за нивните нови деловни потфати , го анализираат економскиот амбиент и ги проценуваат трошоците за работењето. Искуства црпат од веќе постојните инвеститори.
„Џонсон Контролс, Кемет Електроникс, Амфенол и други американски компании веќе имаат база во Р. Македонија и веќе вработуваат луѓе. Тие, бидејќи се задоволни од условите што ги имаат во Македонија, се решија да реинвестираат. Таков е случајот со Џонсон Контролс, компанија која за првпат инвестираше во 2007-та, а потоа отвори уште една фабрика во Штип. Таму сега се ангажирани 1.300 работници, а бројката на вработени ќе достигне 1.500. Добри се шансите, врз основа на позитивните искуства на досегашните инвеститори и на интересот што го има за бизнис – форумите, да привлечеме нови американски инвестиции во Р. Македонија“, изјави Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.
За нова инвестиција се подготвува и „Кемет Електроникс“. Планираат, нивната база за услуги да ја префрлат кај нас, со што ќе се отворат најмалку 25 работни места. Компанијата работи во Бунарџик, која магазинот ФДИ ја прогласи за најдобра зона во Европа за големи, мултинационални компании.
„Не се во прашање само поволностите што се нудат во слободните економски зони, туку е и самиот факт дека во зоните веќе има целосно изградена инфраструктура, па компаниите можат брзо и лесно да почнат со изградба на своите производствени погони“, нагласи Виктор Мизо, директор на слободните економски зони.
Стратегијата на Македонија за привлекување инвестиции дава резултат – оценуваат аналитичарите.
„Во случајот со Македонија е импресивно што оваа земја започна со бели страници, на кои немаше ништо испишано, а државата се соочуваше со тешка економска ситуација. Властите, следејќи ги препораките на Светска банка и на другите финансиски институции, почнаа да ги испишуваат тие бели страници, да се фокусираат на претприемништвото, на развојот на бизнисот и на привлекувањето инвеститори, во прв ред од автомомобилската индустрија“, изјави Емануел Поливкин, раководител на сектор во Светска банка.
Од Чигако, економската презентација продолжува во Лос Анџелес, еден од водечките индустриски центри во САД.
Мартин Пушевски
