Продолжува афирмацијата на македонската литература во светот
Проектот регрутира преведувачи на македонски дела, кои се меѓу најголемите амбасадори на македонската литература и на македонската култура...

Илјада и шестотини евра ќе добие секој од 20-те преведувачи кои се избрани на конкурсот на Министерството за култура за превод на 20 дела од македонски автори на странски јазик. Министерството одвои од државниот буџет 2 милиони денари. Меѓу делата кои ќе се преведуваат се на авторите Паскал Гилевски, Томислав Османли и на Влада Урошевиќ.
„Не е мала работа кога ќе се појави една книга од македонски автор и обично на корицте се става името на преведувачот“, нагласи Влада Урошевиќ, поет.
Македонија е меѓу ретките држави во регионот која вложува големи средства во литературната и во издавачката дејност, истакна министерката Канческа.
„Претходната и оваа година континуирано се држи бројката на книги кои се поддржани над 400. Минатата година имавме 453, оваа година 458 книги“, изјави Елизабета Канческа Милевска, министерка за култура.
Проектот регрутира преведувачи на македонски дела, кои се меѓу најголемите амбасадори на македонската литература и на македонската култура.
„Овој конкурс е позначаен и од меѓуанродните саеми и од меѓународните книжевни манифестации затоа што има евидентни резултати коишто остануваат како културен продукт, како книжевен производ“, рече Нове Цветановски, пратеседател на комисијата.
Досега се поддржани 20 дела, а нивниот број ќе се зголеми до крајот на годината. Овие квалитетни дела од афирмирани автори ќе влезат во книжевниот пазар во светот. Дела кои ќе стојат на полиците на светските библиотеки, културна вредност која останува да говори за богатата македонска ризница.
Александра Перевска
