Јункер на удар поради даночениот скандал

06.11.2014 16:29

По објавувањето на извештајот за затајувањето на данок во Луксембург, новиот претседател на Европската Комисија Жан Клод Јункер се најде во центарот на скандалот по само една недела од својот мандат.

Речиси сите угледни европски медиуми го пренесоа извештајот на Меѓународниот конзорциум за истражувачко новинарство според кој малото кнежевство Луксембург им помогнало на големите корпорации да избегнат  плаќање милијарди евра данок на матичните земји-пренесува Танјуг.

Повеќе од 300 корпорации, вклучувајќи го и технолошкиот гигант ,,Епл“  и шведскиот  производител на мебел ,,Икеа“, благодарение на луксембуршките даночни органи , фиктивно регистрирале седишта во Луксембург  што им овозможило стапка на данок од само 1%,-се тврди во извештајот. Всушност новинарите од Конзорциумот утврдиле дека наведената луксембуршка адреса на поголемиот број компании е мала адвокатска канцеларија над продавница за поштенски марки.

Поголемиот број злоупотреби се направени во периодот додека Јункер бил министер за финансии а потоа и премиер, па според тоа се обвинува дека морал да знае што се случува. Но, Јункер преку својот портпарол порачал дека совеста му е мирна и дека со случајот ќе се занимаваат  надлежните органи на  Комисијата. Соочен со бројните прашања од новинарите за одговорноста портпаролот на Јункер Маргаритис Схинас изјавил ,,Претседателот Јункер е  смирен, да не кажам ,,кул“. Схинас вели дека ваквите обвинувања не се ништо ново, затоа што многу земји членки на ЕУ се обидуваат да ги заобиколат европските правила за заштита на конкуренцијата преку даночните олеснувања на големите компании.

„Случајот ќе го истражува комесарката за конкуренција Маргарет Ветстагер, како што пред неа тоа го правеше комесарот Аламуња“, рекол Схинас и додал дека Јункер нема да интервенира.

Пратеничките групи на либералите и на социјалдемократите во Европскиот парламент побарале да се расветли улогата на Јункер во даночната афера и укажале дека неговиот кредибилитет е нарушен. Во денешното соопштение на социјалдемократите се вели дека Јункер мора да се определи дали е на страна на граѓаните на ЕУ или на корпоративните затајувачи на данок. Либералите пак побарале од ЕК да испита дали луксембуршките власти  ги прекршиле европските закони и доколку се докаже вината да се преземат најстроги казнени мерки.

Соња Стојановска