Републиканците стануваат камен на сопнување за политиката на Обама
Првиот тест за американското законодавство ќе биде буџетот за наредната година. Искуството од 2014-та, кога државната американска каса заглави во републиканските лавиринти испрати свежа порака што треба да се менува...

Како никогаш досега, во битката за Конгресот, републиканското торнадо ја збриша несигурната изборна кампања на американските демократи. Освојувајќи ги двата Дома, на претставниците и на сенаторите, но и двотретинското мнозинство меѓу гувернерите во сојузните држави, републиканците станаа потенцијален камен на сопнување за внатрешната и надворешната политика на Белата Куќа. Ја разбрав пораката на американскиот народ, коментираше по изборите претседателот Обама, испраќајки јасна порака до нацијата дека нема да се откаже од реформите кои ги спроведува, во здравството, новите работни места, надминувањето на економската криза.
„Секој момент од наредните две години ќе го потрошам во силно работење за американскиот народ. Земјата направи реален напредок којшто никој не може да го порекне од 2008-та, во овие шест години на економска криза. Но нашата работа нема да биде завршена додека секој американец не ги почуствува придобивките на растечката економија“, рече Барак Обама, претседател на САД.
Но, на естаблишментот на Обама, што успеа да ја намали невработеноста на рекордни шест насто, нема да му биде лесно. Иако лидерот на републиканското мнозинство ветува дека ќе соработува со Обама, ќе има пречки за предлог-законите на администрацијата.
„Ова не значи дека Претседателот секогаш ќе се согласува со она што го правиме , но ќе работиме на тоа“, изјави Мич Мек Конел лидер на Републиканците во Конгресот.
Првиот тест за американското законодавство ќе биде буџетот за наредната година. Искуството од 2014-та, кога државната американска каса заглави во републиканските лавиринти испрати свежа порака што треба да се менува.
„Обама престана да комуницира со нас последниве две години, не само со Републиканците туку и со демократите“, рече Трент лот, поранешен сенатор –републиканец.
„Вашингтон станува нефункционален. Треба подобро да се управува. Граѓаните сакаат резултати“, вели Том Дашл поранешен сенатор-демократ.
Со Конгрес контролиран од Републиканците и претседател Демократ, двете партии ќе мораат да научат што е компромис. Во спротивно политичката поделба ќе предизвика застој во највисоките нивоа на управување со земјата со рефлексија на меѓународна сцена.
Зоран Богатинов
