Австриски експерт ја подобрува конкурентноста на фабриката „Димче Мирчев“

06.11.2014 16:53

Тој помага да се унапреди експлоатацијата на шкрилци и да се прилагоди производството на барањата на домашниот и на странските пазари...

Странски експерти им помагаат со совети на домашните фирми. Преку владиниот проект австрискиот рударски експерт Гунтер Кобалт неделава престојува во велешката фабрика „Димче Мирчев“.

Тој помага да се унапреди експлоатацијата на шкрилци и да се прилагоди производството на барањата на домашниот и на странските пазари. Од фабриката велат дека им се добредојдени советите на странскиот експерт кој 37 години работел како рударски инженер во Австрија, Германија и во Мексико.

„Јас колку што успеав да видам во самиот рудник станува збор за доста добар материјал со специфична боја, добра природна текстура и треба да се поработи на неговата промоција на пазарот“, рече Гунтер Кобалт-рударски експерт од Австрија.

„Ни помага доста околу начинот на експлоатацијата, начинот на производство што треба да се примени, ќе видиме за делот околу изборот на машините во кои што треба да се инвестира“, изјави Благој Шалев од фабриката „Димче Мирчев“ – Велес.

Досега преку првиот циклус обуки во домашните компании престојувале дваесетина странски експерти, најмногу од Холандија и од Германија. Гунтер Кобалт е прв австриец кој е дел од вториот циклус во кој ќе престојуваат и експерти од Швајцарија, Италија и од ЕБРД.

Свето Николовски