Здружението на прволигашите ќе ја реши судбината на Работнички

06.11.2014 17:56

Актите на МКФ се децидни. За своеволно напуштање на терен, следува враќање на виновникот во најнискиот ранг на натпреварување. Одлуката може да биде обжалена, а второстепената комисија – арбитражата, пресудува конечно...

Свикана е итна седница, утре во 13 часот. Комесарот за натпреварување, кој што ги регистрира натпреварите, ќе се произнесе откако ќе ги разгледа и дополнителните изјави од делегатот на мечот, судиите и Министерството за внатрешни работи. Во процесот, како што не информираа од канцеларијата на Здружението на прволигашите, секако ќе бидат земени в предвид и изјавите на актерите, МТЗ Скопје и Работнички.

Актите на МКФ се децидни. За своеволно напуштање на терен, следува враќање на виновникот во најнискиот ранг на натпреварување. Одлуката може да биде обжалена, а второстепената комисија – арбитражата, пресудува конечно.

При резултат 51:35, на 3 минути до крајот на 3 период, неофицијално - првиот судија Марјан Мицевски побарал да биде испразнета трибината под семафорот, од каде што бил плукнат, а по трет пат ја опоменувал публиката. Претходно, во еден од прекините наводно Мицевски побарал публиката во тој дел, да биде крената два реда погоре и да се постави тампон зона од обезбедување.

Работнички ги посочи судијата Мицевски и делегатот Поповски, за главни виновници за прекинатото 125 дерби. Тројниот и актуелен шампион МЗТ Скопје му порача на најтрофејниот и вечен ривал, да си го гледа својот двор по вчерашните изјави дека постои тенденција, по секоја цена да слават Аеродромци. Се уште не го знаеме официјалниот збор на судиите.

Вистинските љубители на спортот, поминаа една долга и непреспиена ноќ. Следната, ќе биде уште потешка. На повидок е потенцијална спортска катастрофа. Од најмирното дерби во историјата, произлезе бура од спектакуларни размери, која што многу лесно може да зафати и многу други сфери, од нашиот живот.