Со нови иницијативи се продлабочува соработката меѓу НАТО и АРМ
Продолжува соработката меѓу Армијата на Република Македонија и НАТО алијансата со нови иницијативи. Македонските мировници во мисиите предводени од НАТО се голем придонес за мирот и стабилноста и во регионот и во светот. Според началникот Котески, Република Македонија го направила можеби најголемиот исчекор во регионот дури и во однос на некои НАТО- членки.

Соработката меѓу Армијата на Република Македонија и НАТО Алијансата продолжува со нови иницијативи. Ова го соопшти претседавачот со Воениот комитет на НАТО Генерал Кнуд Бартелс по средбата со неговиот домаќин начаникот на генерал штабот на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котевски. Било разговарано за реализацијата на акциониот план за членство во НАТО, имплементацијата на партнерските цели и за учеството на АРМ во мисиите предводени од Алијансата.
„Ние ќе продолжиме да имаме соработка во рамките на вежбите кои сме ги воспоставиле, се разбира ќе формираме и нови видови на соработка во рамки на воените перспективи. Веќе разговаравме со началникот на генерал штабот за унапредување на иницијативата за градење на одбранбените и безбедносни капацитети“, рече Генерал Кнуд Бартелс, претседавач со Воениот комитет на НАТО.
Учеството македонските мировници во мисиите предводени од НАТО се голем придонес за мирот и стабилноста и во регионот и во светот. Очекувањата се да се зголеми учеството на штабни офицери во наредниот период во командите и штабовите на НАТО, кои ќе учествуваат во донесувањето на одлуките во рамките на Алијансата. Според подготвеноста на декларираните единици и примената на Концептот за оперативни способности на НАТО, АРМ е лидер во регионот.
„АРМ со своите капацитети и својата интероперативност е подготвена да продолжи во мировните операции предводени од НАТО алијансата. Конкретно, ќе продолжиме со поддршка и учество во мировната мисија „Одлучна поддршка“ во Авганистан“, рече генерал-потполковник Горанчо Котески, началникот на ГШ на АРМ.
Генералот Бартелс оствари средба и со Министерот за одбрана Зоран Јолевски, а попладнево, одржа предавање пред питомците на Воената Академија ,,Михаило Апостолски“.
Наташа Гркова-Петрушевска
