Се продлабочува соработката со реномираниот медицински центар „Роналд Реган“

07.11.2014 11:39

На средбата биле разгледувани можностите за остварување на продлабочена соработка во повеќе области и сфери, како и развивање на нови форми на заедничко дејствување...

Во рамки на неколкудневната посета на САД, премиерот Никола Груевски, вчера во Лос Анџелес оствари средба и со претставниците на реномираниот медицински центар  „Роналд Реган“ со кого веќе Владата има соработка за обука и размена на лекари. 

Го претставивме концептот на слободни здравствени зони и ги поканивме да размислат и да проучат евентуално нивно вклучување во овој проект.  Тие иако немаа такви излегувања надвор од Америка, покажаа интерес особено ако најдат некоја компанија која би ја изградила болницата, а тие да влезат со своето знаење и искуство. Тоа им е посебно интересно и доколку се вклучат и се кандидираат да отворат болница, тогаш таа би била регионална за целиот поширок регион, изјави премиерот Груевски по средбата.

Пред две години беше договорена соработка со „Роналд Реган“ медицинскиот центар која опфаќа обука на македонски лекари во овој медицински центар. До сега вкупно 29 лекари оствариле пракса и работа во Лос Анџелес при што изучувале нови методи на работење кои што веќе започнаа да се применуваат и во Македонија.

Заедничката соработка продолжува. Постои одлична размена на знаења. Многу сум задоволен од она што го прави Македонија за здравствениот систем и заложбата да стане магнет за здравствена заштита во регионот. Тоа е интересна можност особено да се привлекуваат луѓе од целиот регион, изјави директорот на медицинскиот центар „Роналд Реган“, Томас Коутс.

„Роналд Реган“ медицинскиот центар е еден од најзначајните медицински центри во САД кој е истовремено и универзитетски центар каде се развиваат повеќе научни процедури и постапки.