Бизнисмени од Лос Анџелес ќе инвестираат во Македонија

07.11.2014 13:07

Поволностите за правење бизнис во Македонија се слушнаа и во Лос Анџелес, еден од водечките технолошки, образовни и медицински центри во САД, холивудскиот град. Претставени се инвестициските можности и поволниот економски амбиент, со најава за нови инвестиции...

Аутсорсинг и консалтинг гигант е пред одлука да инвестира во Македонија. Првиот човек на американска „Алорика“, компанија која вработува 16.000 луѓе и е веќе распространета на 40 локации, за три месеци доаѓа во земјава за детално да ја скенира бизнис – климата.

„Врз основа на она што го слушнав од презентацијата, сакам  да инвестирам во Македонија. Во земјата има квалификувана работна сила, Влада која го поддржува бизнисот, добра инфраструктура. Тоа е сè што и е потребно на мојата компанија за да постигне успех. За три месеци ќе ја посетам Македонија за да го направам бизнис – планот“, изјави Енди Ли, главен извршен директор на Алорика

Потврда за добрата бизнис – клима стигна и од уште една американска софтверска компанија, „Инова Воркс“, основана во 2004-та во Калифорнија и која пред неколку години отвори претставништво во Македонија.

„Имаме одлично искуство од соработката со властите и другите компании во Македонија. Секој аспект од нашата работа, процесот на нашиот раст, го направија многу лесен, а голема помош ни беа и ниските даноци“, вели Дејвид Хантер, сопственик на компанијата.

Ние го поддржуваме бизнисот, затоа што на тој начин ги поддржуваме граѓаните, отвораме работни места и ги подобруваме условите за живот – рече премиерот Груевски.

„Сакам да ве поканам да ја посетите Македонија. На секој што планира да почне нов или да го прошири бизнисот, да изгради нов капацитет, да го префрли производството на друга локација на која има пониски трошоци,  сакам да му порачам, пред да ја донесе одлуката за инвестирање да дојде во Македонија. Разговарајте со компаниите кои веќе инвестирале во Македонија. Ќе се уверите дека она што ви го говорам е вистина“, нагласи премиерот Никола Груевски.

На бизнис – презентацијата во Лос Анџелес присуствуваа компании од повеќе сектори, информатичко – комуникациската и технолошката индустрија, но и од филмската дејност.

„Овие компании беа заинтересирани за можностите за правење бизнис во Македонија, заинтересирани за поволната даночна политика, за образованата работна сила, па оттука ги разгледуваат сите можности за инвестирање“, изјави Бил Павлески, министер за привлекување странски инвестиции.

­­­За една работна недела, инвестициските можности беа претставени во Њујорк, Чикаго и Лос Анџелес.

 

Мартин Пушевски