10 години постоење на Форумот на словенски култури

07.11.2014 13:25

13 држави преку различни проекти го афирмираат поврзувањето на културните јадра на 300 милиони Словени...

Со трет семинар за музејска дејност, овојпат посветен на театарската музеологија во 21 век, денеска во Македонскиот народен театар во Скопје почна одбележувањето една деценија од Меѓународната фондација Форум на словенските култури.

Во Форумот се обединети 13 држави и над 300 милиони нивни жители (Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Србија, Бугарија, Украина, Русија, Белорусија, Полска, Чешка и Словачка), кои соработуваат и разменуваат знаења и искуства за проекти што треба да ги зачуваат и негуваат нивните култури.

Андреја Рихтер, директор на Меѓународната фондација Форум на словенските култури, чие седиште е во Словенија, изјави дека сите 13 земји-членки  соработуваат во проектите и затоа Форумот, рече таа, е уникатна установа за која има интерес на Запад - во Брисел и Стразбур, во УНЕСКО во Париз и на сите големи саеми на книгата во светот.

Во рамки на Форумот се реализира проектот „Сто словенски романи“, во кој учествуваат пет држави (Македонија, Србија, Словенија, Словачка и Русија) и досега се преведени 42 книги. Секоја од земјите има список со десет автори кои ќе ги преведува.

Министерката за култура и претседател на Управниот одбор на Форумот Елизабета Канческа-Милевска на отворањето на семинарот за музејска дејност истакна дека Форумот се препознава во светот како референтна глобална платформа за интеркултурен дијалог и придонесува во негувањето на словенскиот идентитет и промоција на богатата култура на словенските земји.