Изградба на фекален колектор за локалитетот Сончев Град
Колекторскиот систем ќе се протега од реката Вардар па се до населбата Сончев Град и ќе ги поврзе општините Сопиште, Кисела Вода и Аеродром...

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и градоначалниците на Скопје, Кисела Вода и Сопиште, Коце Трајановски, Билјана Беличанец - Алексиќ и Стефче Трпковски извршија увид на градежните работи за изградба на фекален колектор за локалитетот - Сончев Град на крстосницата меѓу булеварите „Србија“ и „Видео Смилевски Бато“.
Колекторскиот систем ќе се протега од реката Вардар па се до населбата Сончев Град и ќе ги поврзе општините Сопиште, Кисела Вода и Аеродром. Се работи за мрежа од 13 километри, инвестиција во висина од 5 милиони евра кои дел ќе се обезбедат од буџетот на Министерството за транспорт и врски, а дел преку Програмата за рурален развој, истакна Јанакиески и додаде дека овој колекторски систем, ќе го користат околу 130.000 граѓани.
Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски појасни дека за фекалниот колекторски систем, кој не е целосно завршен, направена е техничка документација за делот од кај што завршува првиот дел од колекторскиот систем односно пред булеварот АСНОМ.
Веќе од Град Скопје, преку ЈП Водовод и Канализација направен е проект за продолжувањето на овој колектор по булеварот АСНОМ од булеварот Србија па се до препумпната станица, истакна Трајановски.
