Воената професија како предизивик: 226 доброволци во АРМ дадоа заклетва
226 доброволни војници денеска во велешката касарна „Алексо Демниевски - Баунав“ давајќи ја својата заклетва станаа дел од големото семејство на Армијата на Република Македонија. Ова е 24-та генерација на војници кои поминувајќи тримесечна обука се приближат до воената професија, или како што вели министерот Јолервски тие ја преставуваат базата за понатамошната селекција на идни професионални војници во АРМ...

Марјана Столевска е магистер по безбедност и од денеска доброволен војник во АРМ. Вели дека безбедноста на државата е нејзин предизвик.
„Во армијата се пријавив бидејќи ме привлекуваат работи кои се помалку карактеристични за другите професии, а тоа се редот, дисциплината и почитување на хиерархијата. Од секогаш ме привлекувала униформата и чест ми е што ја носам“, рече Столевска.
Негувањето на традицијата и патриотизмот бил предизвикот кој 25 годишниот дипломиран информатичар, Александар Петкоски, го донел во редовите на АРМ.
„Храбар чекор, многу различно нешто и едноставно мислам дека ќе ми се отворат нови врати како за размислување така и за понатаму, ќе се движиме со различни чекори“, вели Петкоски.
Покрај Столевска и Петкоски, заклетва дадоа уште 224 војници. Тие во наредните три месеци воените вештини ќе ги совладуваат во Велешката касарна.
„Воената професија е предизвик, чест и гордост за сите млади амбициозни луѓе. Предизвик низ кој ќе ги промените вашите живти, предизвик кој ќе Ве натера побрзо да созреете. Пред вас се отвараат многу перспективи кои ќе го променат вашиот животен пат“, рече Зоран Јолевски, министер за одбрана.
Трајното решавање на статусот на професионалните војници е причина голем дел од овие војници да посакуваат ова да биде нивната идна професија. Ова е 24-та генерација доброволни војници во АРМ.
Дијана Иванова
