Кучиња се одгледуваат во непосредна близина на основно училиште во Струга
Не само што ОУ „Јосип Броз Тито“ во Струга има проблеми со греењето туку неколку години по ред мака мачат и со соседите од северната граница на училиштето каде што има одгледувачница на расни кучиња.Како е можно општинските власти односно комуналните инспектори да останат и глуви и слепи -останува нејасно...

Десеттина расни кучиња се одгледуваат пред очите на учениците во струшкото училиште Јосип Броз Тито во Струга. Кучињата се потенцијална закана секојдневно за децата од ова училиште. Децата и наставниот кадар стравуваат од се почестите блиски контакти со кучињата.
„Имаме такви соседи што чуваат или одржаваат расни кучиња, често пати навлегуваат во школскиот двор па имаме доста блиски контакти со дечињата. Еве имавме пред една недела како што ни кажа директорот и напад на служителките“, вели Крсте Бунчески, претседател на советот на родители во ЈБТ.
„Да беше нападната лани и една наставничка и и беа нанесени телесни повреди и од тогаш навака не е ништо конкретно превземено за да се среди таа работа“, вели родителот Ристо Димоски од Струга.
Според сите катастарски извештаи и имотно-правни односи со кои располага оваа струшка образовна установа се уште нема никаква пријава или на повидок решение за овој спор, додека сопственикот го тврдеше спротивното. Видно нервозен и непресметлив се закани дека ќе ги пушти кучињата на новинарските екипи.
„Не се добижувајте таму, ќе Ви ги пуштам кучињата сега одма јас“, остро реагираше сопственикот на кучињата.
„Кога ќе добие господинот директор решение дека го има добиено местово, тогаш да Ве вика Вас (мисли на новинарите), ние сме во спор“, со висок тон се обрати сопственикот на расните кучиња.
Сопственикот на кучињата негираше дека неговите кучиња нападнале дел од наставниот кадар на училиштето.
„Не е мое куче тоа, тие се кучиња скитници кои се бодигард на градоначалнико“т, вели сопственикот на кучињата.
Надлежните институции мора неодложно да го решат овој горчлив проблем, затоа што кучињата кои се одгледуваат до самиот двор на училиштето претставуваат голема опасност по животот и здравјето на децата.
Јованчо Наумоски
