Прилеп

Тутунарите ги бараат недоисплатените субвенции

07.11.2014 16:20

Тутунарите денеска во Прилеп побараа да им се доисплатата субвенциите за ланската реколта. Според Сојузот на тутунските здруженија, исплатени се околу 26 милиони, а остануваат уште 5 милиони евра. Велат, најавите од министерството за земјоделство се дека ќе се доисплаќа од понеделник...

Тутунарите кои се уште не ги добиле субвенциите за ланската реколта тутун, побаараа  државата најбрзо да им ги доисплати. Тие се собраа  за одговор од Сојузот на тутунските здружснија што се случува со субвенциите.

„Немам субвенции земено 1450 евра. Барам да ми кажат до кога ќе ми се исплатат“, вели  Панде Ѓорѓиоски, тутунар.

„500 евра сакам да ми ги дадат“, вели Пандора Најдоска, тутунар.

„Апелирам до сите, до владата посебно, без разлика на сето тоа што помина рокот на исплата, ги молам да изнајдат можности и не само мене, на сите овие тутунопроизводители чесно заработените пари да им ги исплатат“, вели Звонко Ристески, тутунопроизводител.

Според Сојузот, остануваат уште неисплатени 5 милиони евра. Главно за предаден тутун од 26 февруари до крајот на откупот. Од Министерството за земјоделство е најавено дека доисплатата ќе почне од понеделник

„Нема се уште добиено субвенции одреден број тутунопроизводители. По грешка на опткупните компании, една работа, и друго ненаплатени пашарини, наводнување и одводнување. На четврти ноември му се обратив на министерот со порака, телефонски ми се јави, ветено е од него, ќе го цитирам: Нека се стрпат, од понеделник ќе почнеме со исплата на субвенциите“, вели Данчо Милески, претседател на Сојузот на тутунските здруженија на Македонија.

Тутунарите ќе го чекаат почетокот на идната недела. Инаку, во тек се подготовките за новиот откуп. Се заверуваат мострите, и од 17 ноември 9 те лиценцирани компании може да го почнат преземањето. Годинава се договорени 25 000 тони, а има вишок од 5 000 тони тутун. Најавите се дека сепак откупувачите би го презеле родот.ж

Елизабета Митревска