Протести против загадувањето на Тетово
На градскиот плоштад во Тетово се одржа протест против загадувањето на воздухот во Тетово. Граѓаните се жалат поради непријатната миризба и се почестите заболувања. Бараат решение од надлежните. Ресорниот министер повика сите да придонесат за да се намали загадувањето.

Црни балони на небото над Тетово. Симболика за загадувањето на воздухот што станува се поголемо.
Стотици тетовци се собраа на градскиот проштад изразувајќи го незадоволството од непријатната миризба на изгорено, заболувањата што стануваат се почести и како што велат, негрижата на надлежните.
„Тетово е под Шара, треба да има најчист воздух, а има најлош воздух. Имаме две врсти загадување: политичко и ова со воздухов. Со децата не можеме да излеземе, ги чуваме дома, веднаш се разболуваат, бронхитис и слично. Само ако се качите на тетовското Кале ќе ја увидите разликата и контрастот“, велат жители на Тетово.
Организатори на протестот се од невладината „Еко Герила“. Побараа надлежните да најдат решение за загадувањето. Ги повикаа граѓаните слободно да го бараат тоа што прородно им припаѓа – чист и здрав воздух.
„Ние не можеме да го запреме дишењето, а тие можат да го запрат загадувањето“, порача Аријанит Џафери – „Еко Герила“.
За министерот за екологија Нурхан Изаири протестите се легитимни. Побара сите да придонесеме за почист воздух.
„Одговорни се како се однесуваат со воздухот, кој тип на возила се употребуваат, кој тип на греење го употребуваат...“, изјави Нурхан Изаири, министер за животна средина и просторно планирање.
И денеска магливите тетовски населби и миризбата сведочат за загаденот воздух. Концентрацијата на ПМ 10 честичките околу пладне се искачи на речиси 500 микрограми на метар кубен од дозволените максимум 50.
Зоран Јованоски
