Со новиот закон за нерегистрирани дејности ќе се сузбива сивата економија
Според примерот на Словенија и Хрватска ваквото законско решение ја спречило нелојалната конкуренција и ја зголемило наплатата на даноците. Доби поддршка од занаетчиите и синдикатот...

Физичките лица нема да можат да градат згради, да даваат маркетинг услуги, да поседуваат ресторани, кафулиња, сендвичарници, да увезуваат и продаваат возила ако немаат решение за вршење на дејноста. Ресорниот министер објаснува дека новиот предлог- закон треба да ги спречи поголемите бизниси кои не се регистрирани, не исполнуваат стандарди и се дел од сивата економија.
„Стапката на неформално вработените во однос на вкупниот број вработени во државата низ годините опаѓа, но таа е се уште висока и изнесува околу 22,5%. Или низ бројки проценките се дека околу 150.000 лица се неформално вработени“, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Со овој закон нема да бидат опфатени услугите кои се вршат во домаќинствата, како на пример дејноста што ја врши мајстор или хигиеничар. Според примерот на Словенија и Хрватска ваквото законско решение ја спречило нелојалната конкуренција и ја зголемило наплатата на даноците. Доби поддршка од занаетчиите и синдикатот.
„Секој што треба да се занимава со занаетчиска дејност треба да се регистрира во комората и да добие решение за вршење на дејноста“, изјави Оливија Штерјова, извршен директор на Занаетчиска комора на РМ.
„ССМ ќе понуди свои ставови посебно во делот на затворање на сите оние правни и физички лица каде што работниците би трпеле штета, сметаме дека можат да се случат корекции на законот во овој дел“, вели Живко Митревски, претседател на ССМ.
Во земјава има 93.000 регистрирани приватни фирми, над 8.000 регистрирани трговци поединци, над 4.500 занаетчии.
Наташа Јанчиќ
