За осум години со воз од Јадранското до Црното море
До 2022-рата година се очекува Македонија и Албанија да ја изградат последната делница од Коридорот 8 од Кичево до Лин во Албанија. Македонија ќе гради 63 километри пруга, а Албанија 2,8 но и модернизација на делницата кон Драч...

Во 2022-ра ќе бидат железнички поврзани Јадранското и Црното море. Дотогаш се очекува Македонија и Албанија да ја изградат последната делница од Коридорот 8 од Кичево до Лин во Албанија. Македонија ќе гради 63 километри пруга, а Албанија 2,8 но и модернизација на делницата кон Драч. Веќе тече јавниот повик за избор на консултант кој ќе го изработи главниот проект.
„За изготвување на главниот проект имаме обезбедено 3,5 милиони евра од ИПА компонентата. Очекуваме кон крајот на годината да биде склучен договорот и кон крајот на 2016-та да имаме главен проект“, рече Миле Јанкиески, министер за транспорт и врски.
Потпишаниот меморандум меѓу двете железници, македонската и албанската, ќе овозможи заедничко утврдување на точките на врзување меѓу двете железници.
„Екипите од двете страни ќе работат заедно со фирмата која што ќе биде избрана да го изработи главниот проект”, рече Ирфан Асани, директор на Македонски железници – инфраструктура.
„Заедно со македонски железници ќе аплицираме со заеднички проекти пред повеќе меѓународни организации за добивање средства за реализација на железничкото поврзување“, изјави Генци Ализоти, директор на Албанските железници.
По завршувањето на главниот проект, во 2017 и 2018-та ќе се работи на обезбедување на финансиската конструкцијаза изградба за пругата кон Албанија која, според најавите, би била завршена во рок од 4 години.
Свето Николовски
