Борисов по втор пат избран за премиер на Бугарија

07.11.2014 16:50

Бугарскиот парламент и даде поддршка на новата влада на Бојко Борисов. Коалицијата која обезбеди доволен број на гласови за да направи владин тим се обврза на реформи кои ќе и помогнат на најсиромашната земја во Европската унија да ја надмине кризата. Лидерот на десноконзервативната партија ГЕРБ по втор пат е избран за премиер на Бугарија.

Коалициската влада се обврза на реформи и предложи листа со дваесет точки, меѓу кои и долго време неопходната реформа на правосудството и преземање итни мерки во економијата, здравството и образованието. Сепак, повеќето од нив нема да можат да се спроведат во актуелниот сооднос на силите во парламентот.

„Дојдовме до овој ден по тешки разговори и дебати, но ние сме задоволни дека процесот на консултации и преговори се оддржа, а со тоа го вративме вистинското значење на политиката, со контроверзии на програми и главните приоритети, со отворен и искрен дијалог. Ја преземаме одговорноста! Бог да не благослови! За доброто на Бугарија!“, рече Бојко Борисов, премиер на Бугарија.

Аналитичарите не и предвидуваат сјајна иднина на, како што велат, климавата коалиција. Најсиромашната земја на ЕУ ја мачи хронична нестабилност. Избирачите очекуваат од власта перспектива за иднина, поголема благосостојба и стабилност, многумина од нив, не се сигурни дека тимот на поранешниот телохранител на Живков ќе биде во состојба да ги исполни овие очекувања. Иако новата Бугарска Влада има јасен проевропски профил, сепак сите надлежности поврзани со управување со европските пари, Борисов ги задржа за својата партија. Со парите од ЕУ во минатото беа поврзани повеќе корупциски скандали. А токму против корупцијата и олигарсите стотици илјади Бугари протестираат две години.

Во новиот тим на Борисов, дипломатијата ќе ја води Даниел Митов. Во соседските односи не се очекуваат промени. На крајот од претходниот мандат, при посетата во Скопје, Борисов истакна дека Бугарија нема намера да ја блокира Македонија во евроатланските интеграции.

Катерина Топалова