Даночниците на терен: Клуч за 29 угостителски објекти!

07.11.2014 16:54

Пазарните и фискалните инспектори, со поддршка од полицијата неколку дена се на терен за да откријат каде се крши законот...

Десетици кафеани и барови во старата Скопска чаршија и Чаирчанка се затворени поради непочитување на забраната за пушење во јавни објекти, непоседување уредни фискални апарати и серија пропусти при работата.

Еден од тие пропусти е и пролонгирањето на работното време. Наместо клуч на врата, газдите дозволувале гостите да се забавуваат до зори. Пазарните и фискалните инспектори, со поддршка од полицијата неколку дена се на терен за да откријат каде се крши законот.

„Од страна на УЈП контролирани се 53 објекти, од кои во 29 се утврдени неправилности. Опфатени се повеќе градови, а контролите се спроведуваат на целата територија на Република Македонија“,  изјави портпаролот на УЈП, Весна Новаковиќ.

По дојава за незаконско работење се контролираа локали и во Сарај, Куманово и Тетово.

„Таму каде што е констатирано дека даночен обврзник нема фискален апарат или не го регистрира прометот, согласно законот УЈП има донесено решение за забрана на дејност и изречено соодветни казни глоба“, изјави Гоце Веселиновски, заменик управител на УЈП – Тетово.

Освен за сопствениците, глоби има и за гостите. 22-ца ќе платат казна затоа што биле затекнати со цигара в рака, а 14 затоа што не носеле лични карти.

 

Анита Димитријевска