Џон Фронтиер: Нема да има голема промена во политиката на Обама кон спорот со името

08.11.2014 16:26

Спорот со името и натаму нема да биде приоритет на политиката на американскиот Претседател Барак Обама иако републиканското мнозинство во Конгресот и Сенатот ќе инсистираат на тоа, оценува за Македонската телевизија експертот Џон Фронтиер од Бипартисан Полиси Центарот во Вашингтон.

Републиканците коишто сега се мнозинство во американскиот Конгрес и Сенат ќе го покренуваат прашањето за спорот со името во контекст на проширувањето на НАТО, но тоа нема да влијае на политиката на Претседателот Барак Обама, оценува експертот Џон Фронтиер од Бипартисан Полиси Центар во Вашингтон. 
 
„Ова не е прашање за Американците да го решаваат. Нема да има голема промена во политиката за спорот со името, но Републиканците во Конгресот ќе бидат повеќе наклонети за проширување на НАТО и критични за Претседателот и некои негови потези, како на пример кон Русија и Украина. Затоа ова нема да биде директна промена, системот ќе остане сличен на денешниот, но мислам дека Републиканците ќе го постават прашањето за проширувањето на НАТО значително повеќе отколку што е сега, како тема за сослушување во комитети на Конгресот“, вели Џон Фронтиер- експерт од Бипартисан Полиси Центар во Вашингтон.
 
Остануваат уште две години од мандатот на американскиот претседател, па Фронтиер не ја исклучува можноста Барак Обама до крајот на мандатот да се позанимава и со спорот со името што е единствена пречка за прием на Македонија во НАТО.
 
„Во вториот мандат претседателите повеќе се посветуваат на надворешната политика. Мислам дека Претседателот Обама сака во последните две години од мандатот да направи некои промени што ќе ги остави како негов печат. Секако работата што ја прави со Европа за спротиставување на Русија и руските чекори во Украина,  е нешто за што размислува. Претседателот се уште не се изјаснил за политиката до крајот на мандатот. Ќе видиме дали ќе го смени ставот за проширувањето на НАТО. Ова е на маса и е прашање за што се разговара во Белата куќа, но Претседателот уште не донел одлука околу ова. Мислам дека ќе ги помине последните две години мислејќи во каква ситуација ќе ја остави Европа, но се уште не е познато каква таа ќе биде“, рече Џон Фронтиер- експерт од Бипартисан Полиси Центар во Вашингтон.
 
Барак Обама не би сакал да биде запамтен во поновата американска историја како единствен претседател за време на кој немало проширување на НАТО, смета Фронтиер додавајќи дека Соединетите Американски Држави сакаат да ја видат Европа обединета и слободна.
 
Администрацијата во Белата куќа стои на ставот за брзо решение на спорот со името, што ќе биде заемно прифатливо за Македонија и за Грција.
 
Ирина Гелевска