Проблемите на жените претприемачи - Како од микро до мал бизнис?
Да се користат услугите од соодветните институции и да се следат економските критериуми. Ова се препораките на експертите за тоа како жените претприемачи своите бизниси да ги унапредат од микро во мали. Во земјава околу 30 проценти од претприемачите се жени – бројка што ги следи европските трендови.

Чаевите за простата и за нерви. Ова се производите кои тетовци најмногу ги бараат во оваа продавница здрава храна. Јелена Блажевска започнала токму ваков бизнис зошто во Тетово немало. Решила да ги менува овдешните навики за здравиот начин на живот.
„Само работа и труд! Работата и трудот водат нагоре кон врвот. Од секоја страна сум прифатена. Не е важно што си жена“, вели Јелена Блажевска, претприемач.
Според некои статистики околу 30 проценти од претприемачите во земајава се жени – бројка што ги следи европските трендови. Проблеми се појавуваат кога сакаат од микро да прераснат во мал бизнис.
Експертите со кои поразговаравме сметаат дека жените се покажале како добри претприемачи и не треба да се потенцира потребата од нивно пристуство во стопанството.
„Дури тие се и многу поуспешни од мажите претрпиемачи. Попретпазливи се и не влегуваат лесно во ризици. Оној што ги следи економските критериуми, а тоа се рентабилност, економичност и профитабилност, тие ќе најдат начин организационо да ја направат таква структурата на фирмите каква што најмногу одговара на природата на нивниот бизнис или на опкружувањето“, смета Мирољуб Шукаров, универзитетски професор.
Еден од начините за решавање на проблемите е да се користат и услугите на соодветните институции и организации.
„За да ги добие соодветните услуги и на крајот тоа да резултира со позитивните бројки што се очекуваат во самата компанија, од самиот претприемач“, изјави Мендерес Кучи, претседател на Стопанска комора на северозападна Македонија.
Јелена ќе се обиде својот миро бизнис да го унапреди во мал. До крајот на годината планира да отвори уште една продавница за здрава храна и да го зголеми бројот на вработени. Тогаш ќе ни го пренесе нејзиното искуство.
Зоран Јованоски
