Посетата на Еди Рама на Белград,ново поглавје во односите меѓу Србија и Албанија
Понеделник е ден на историската посета на Еди Рама на Белград, прва на албански премиер на Србија по 68 години. Дводневната посета ќе се случи во позадина на тензиите меѓу Србите и Албанците во регионот, по инцидентот со знамето на Голема Албанија на фудбалскиот натпревар Србија-Албанија, но и каменувањето и палењето на албанските дуќани во Војводина.

Членство во ЕУ и нормализирањето на односите на Косово- ги натера Србите и Албанците да ги нормализираат односите и за смирување на тензиите. Според српскиот премиер-Александар Вучиќ, за односите меѓу двете држави треба да се говори без страст и тие да бидат насочени кон економско поврзување. Поради тоа е и одложена посетата за да се создадат услови за рационален дијалог-доадал Вучиќ во една од ретките изјави за посетата! Аналитичарите во Белград очекуваат почеток на ново поглавје во односите меѓу Србија и Албанија со заедничка цел зачувување на стабилноста на Балканот! Така Душан Јањиќ констатира дека тоа е можност двете влади да го започнат периодот на конкретна соработка, да ги смират тензиите особено околу идејата за Голема Албанија.
Во Белград повеќе информации пред посетата доаѓаат од Тирана. Премиерот Еди Рама изјави дека е време да се скине страницата, да не наидуваме во замка на една политика, која долго време не држи како заложници. Во интерес на нашите земји е да одиме напред. Европа е наша заедничка цел и ние сакаме да бидеме дел од европското семејство- рече тој.
Колку посетата ќе влијае на подобрување на односите меѓу Албанија и Србија, нивните заложби за демократската стабилност на регионот и идеите за Голема Албанија и Голема Србија наспрем европските интеграции-ќе покаже времето по средбата во Белград.
И додека вниманието на целиот Балкан е насочено кон историската посета на Рама на Белград, овдека таа безмалку се чува во тајност. Новинарите и јавноста сеуште не ги знаат деталите на посетата, каде ќе се одржи, за составот на делегациите, посетата на Прешево и др.детали-можеби и од безбедоносни причини.
Од Белград за МТВ-Оливер Бранковиќ
