Илјадници мексиканци бараат одговори за судбината на 43-цата студенти
ДНК анализата нема да ги даде сите одговори, но тоа што го признаа уапсените им ја смрзна крвта на истражителите во една од најнасилните држави во светот. 43-цата Нормалистас, обични студенти, дошле на протест за повеќе средства за нивниот колеџ. За да не попречат настан организиран од градот, градоначалникот и наредил на полицијата да му ги предаде на картелот Герерос Унидос, кој оперирал во спрега со локалната власт...

Илјадници мексикански студенти и граѓани се кренаа на марш кон главниот град. Бараат одговори за судбината на 43-цата студенти. Нивните тела беа најдени во црни кеси за ѓубре, масакрирани и фрлени во река од полициско-картелската коалиција во државата Игуала. Мексико го крева гласот за правда.
„Тажно е што Мексиканците не го креваат гласот против неказнивоста, бракот меѓу политичарите, војската, полицијата и картелите“, рече Џоди Вилијамс, добитник на Нобелова награда за мир.
„Кон крикот да бидат најдени живи 43-цата студенти требаше да се придружат и жените. Тие се соочуваат со секојдневни малтретирања и сексуално насилство“, рече Марусија Лопез Круз од невладина организација.
ДНК анализата нема да ги даде сите одговори, но тоа што го признаа уапсените им ја смрзна крвта на истражителите во една од најнасилните држави во светот. 43-цата Нормалистас, обични студенти, дошле на протест за повеќе средства за нивниот колеџ. За да не попречат настан организиран од градот, градоначалникот и наредил на полицијата да му ги предаде на картелот Герерос Унидос, кој оперирал во спрега со локалната власт.
„Уапсените кажаа дека во оваа област им ги одзеле животите на преживеаните, па ги закопале под ѓубрето и ги изгореле телата. Работеле на смени, огнот горел со часови. Користеле дизел, бензин, гуми, пластика“, рече Хесус Муриљо, државен обвинител на Мексико.
Претседателот Нието и честиташе на полицијата, но зад сцената, обвиненијата за попречување на истрагата и криење докази уште еднаш ја потврдија длабочината на проблемот - граѓанинот не им верува на тие што го водат и што го штитат.
„Ни треба поголема поддршка од цивилното општество. Народот се плаши. Сите сакаме да го кренеме гласот, но се плашиме“, рече Алфредо Планкарте, демонстрант.
Грозоморноста на случајот го сврте вниманието на меѓународната заедница, особено на САД, кои до сега беа фокусирани на Блискиот исток.
