Желба за репрзиза од лани
Во вечерашниот дуел во салата „Пионир“ двата тима ќе влезат со ист ефект – две победи и четири порази. Но без оглед на бледиот почеток на сезоната, сепак, црно-белите ја имаат фаворитската улога, иако не беа убедливи во двете средби пред своја публика во АБА друштвото...

Кога екипата е во резултатска криза, силен противник може да биде своевидна шок терапија и најава за подобра сезона. Со таква мисла кошаркарите на МЗТ Скопје ќе му гостуваат на Партизан во Јадранската лига.
Во вечерашниот дуел во салата „Пионир“ двата тима ќе влезат со ист ефект – две победи и четири порази. Но без оглед на бледиот почеток на сезоната, сепак, црно-белите ја имаат фаворитската улога, иако не беа убедливи во двете средби пред своја публика во АБА друштвото. Загубија од Крка, а го совладаа Металац. Во редовите на Партизан се враќа Милан Мачван, па Вујошевиќ ќе го има на располагање сиот потенцијал. Неговиот колега од клупата на МЗТ Боби Митев ќе го предводи македонскиот шампион се до назначувањето на нов постојан тренер. По разделбата со Врбица Стефанов, „сините“ од Аеродром повторно се во позиција во краток временски интервал да се подготвуваат за пресметка со силен ривал. Можеби тоа е нивниот најголем противник без оглед што во двете претходни гостувања кај Партизан славеа една победа, а идентичен биланс против шесткратниот првак во Јадранската лига забележаа и во соочувањата во Скопје. Веројатно затоа Вујошевиќ предупредува дека Партизан не смее да се опушти и да дозволи мечот да го решава еден шут. Кормиларот на српскиот состав очекува брза игра од МЗТ Скопје, со четворица надворешни играчи и со многу акции „два на два“. Муриќ вели дека ангажманот на Дамјан Стојановски и на Суад Шеховиќ е значаен адут за квалитетот на МЗТ, кој ќе биде на повисоко ниво на мотивираност за натпреварот со Партизан. Изразувајќи почит за белграѓани, Митев посакува македонскиот тим да ја стабилизира играта и најавува дека во „Пионир“ нема да има бело знаме.
