Работнички се жали!
Одлуката е незаконска, еднострана и скандалозна, се вели во соопшттението на Работнички кој бара нејзино поништување...

Како што најави, К.К. Работнички поднесе жалба до Арбитражната комисија во врска со одлуката на комесарот за натпревари да го исклучи клубот од Првата лига и да го пресели во најнизок ранг. Одлуката е незаконска, еднострана и скандалозна, се вели во соопшттението на Работнички кој бара нејзино поништување. Во жалбата се вели дека одлуката за прекин на натпреварот меѓу Работнички и МЗТ Скопје била донесена само од првиот судија без во неа да учествува делегатот. Според раководството на Работнички, пропозициите предвидуваат доколку нема услови за играње, судиите со тимовите да се повлечат и да му дадат на организаторот рок за да обезбеди услови или во спротивно да побараат одигрување на натпреварот во следните 24 часа. „Но овој дел од приказната никому не одговараше“, пишува во соопштението од „Градски парк“. Потсетувајќи дека клубот отсекогаш бил главен презентер на кошарката и на спортот во Република Македонија, Кошаркарскиот клуб Работнички очекува одлука на Арбитражната комисија којашто ќе биде во интерес на македонската кошарка.
Случајот Работнички настана откако беше прекинато дербито со МЗТ Скопје во средата. првиот судија Марјан Мицевски побара празнење на делот од трибината каде што беа лоцирани навивачите на Работнички, по што екипата не го доигра натпреварот. Како последица на ова, комесарот за натпревари во Македонската кошаркарска федерација, Бобан Јосифовски, го пресели Работнички во најнизок ранг, иако Здружението на прволигашите даде препорака најтрофејниот клуб да остане член на Првата лига.
