Подобар впечаток, но пак пораз!
Првиот период заврши со 15-11 за „сините“ од Аеродром, на полувремето беше 29-29, но во продолжението МЗТ не го одбрани рекетот, дозволи голем број на офанзивни скокови на црно-белите, не успеа да го консолидира ударот за три поени, па на крајот поразот беше неминовен...

МЗТ Скопје го претрпе петтиот пораз во Јадранската лига сезонава, иако на паркетот на Партизан остави подобар впечаток во споредба со гостувањата во Подгорица и во Ново Место. Во „Пионир“ на крајот на натпреварот на семафорот пишуваше 65-50, иако македонскиот првак почна одлично, а до 25-тата минута имаше рамноправен резултат.
Првиот период заврши со 15-11 за „сините“ од Аеродром, на полувремето беше 29-29, но во продолжението МЗТ не го одбрани рекетот, дозволи голем број на офанзивни скокови на црно-белите, не успеа да го консолидира ударот за три поени, па на крајот поразот беше неминовен.
Дамјан Стојановски даде десет коша и беше единствениот со двоцифрен показател во оваа статистичка категорија. Лучиќ и Маринковиќ постигнаа по седум поени, а Николовски, Класен и Диксон по пет. Кај Партизан најпрецизен беше Вања Маринковиќ со 20 коша, Милутинов заврши со девет, а Богдановиќ со осум.
МЗТ Скопје сега има биланс 2-5, а третата победа во АБА друштвото ќе ја бара на домашен паркет во наредното коло, кога на 17-ти овој месец во „Јане Сандански“ ќе гостува Металац.
