Ресторанот „Амбар“ вистински хит меѓу Американците во Вашингтон

09.11.2014 16:38

Македонска шопска салата, ајвар, пита, ракија, вино, ќебапи, сето ова е вистински хит меѓу Американците во Вашингтон. Ресторанот Амбар постои нешто повеќе од година, но веќе доби постојани гости коишто го полнат секојдневно.

Вака со чаша домашна ракија ќе Ве пречекаат во ресторанот Амбар како во секој подобар ресторан на Балканот, но овој се наоѓа во главниот американски град Вашингтон. Американците иако првпат се запознаваат со овој вид на кујна,веќе ја обожаваат
 
„Доаѓам овде на секои две недели. Ја обожавам храната и пијалаците се одлични“.
 
„Јас сум првпат овде. Навистина е добар ресторан“, велат анкетираните гости.
 
Македонска шопска салата, ајвар, пита, ќебапи, плескавица, македонско вино се наоѓаат на менито на се популарниот ресторан во Вашингтон. Би сакале да има и Скопско, но не можеме да најдеме дистрибутер, вели менаџерот Урош од Србија, некогашен светски и европски шампион во веслање.
 
„Се обидовме да направиме нешто со храна што ќе им биде блиска на Американците. Имаме доста искуство во оваа индустрија. Ги сервираме сите наши јадења. Имаме ракија, наши вина, Стоби од Македонија, Прокупац, српски вина, и доста голем избор на наши производи. Што се однесува до храната, служиме и чварки, ќебапи, плескавици, но во помали порции за да им се допадне и на Американците, за да им ја доближиме нашата навистина автентична храна“, рече Урош Смилјаниќ-менаџер на ресторанот „Амбар“ во Вашингтон.
 
За одличната храна што е домашно подготвена е заслужен шефот на кујната Иван. Рецептите, вели ги научил главно од неговата мајка.
 
„Моја задача како и на секој шеф е сите да бидат среќни, да ги направиме сите среќни и се разбира водам сметка за сите резервации, менито, и во задниот и во предниот дел од ресторанот. Моја одговорност се и келнерите и бармените“, вели Иван Живковиќ-главен готвач во ресторанот Амбар во Вашингтон.
 
Во овој прв ресторан со храна од Балканот покрај Американци има вработени и луѓе од нашиот регион, па и Македонци, со коишто можете да разговарате и на јазиците од нашите краишта. Американците се воодушевени од амбиентот, гостопримливоста и одличната храна и пијалаци кои се нудат во Амбар.
 
Ресторанот Амбар, првиот отворен ресторан со балканска храна во Вашингтон во близина на американскиот Конгрес е отворен пред речиси две години.
 
Ирина Гелевска