Тетовчани бараат спас за загадениот воздух

09.11.2014 17:20

Тетовци овој период дишат енормно загаден воздух. Таква е состојбата и во неколку други градови во земајава. Граѓаните бараат спас од надлежните. Но засега нема конкретни мерки од нивна страна.

Дождот што деновиве врне во Тетово веројатно придонесе за почист воздух. Сепак, револтираноста кај тетовци не стивнува. Бараат преземање конкретни мерки што реално ќе го намалат загадувањето.  

„Воопшто нема стратегија, човекот е најголем загадувач. Од воздухот сите деца ни се болни. Ние само сакаме чист воздух, а Владата треба да знае како да ни го обезбеди“, велат жители на Тетово.

Тетовци бараат, но што направија надлежните. На Југохром од Јегуновце, кој е еден од загадувачите, му беа дадени нови шест месеци за да стави филтри.

Ресорниот министер побара сите да придонесеме за почист воздух, да внимаваме каков тип автомобили возиме и какви материјали за огрев користиме.

Од локалната самоуптвара, пак, овој период интензивно садат дрвореди, се раззеленува центарот на градот, но конкетрни мерки против загадувањето сеуште нема.

Утрово концентрацијата на ПМ 10 честички паднала на околу 15 микрограми на метар кубен. Околу пладне повторно се искачи над 100. Изминативе денови имавме и до 400. Дозволениот мексимум е 50.

Миризбата на изгорено денеска не е толку забележлива. Но тоа не влева надеж дека ќе дишиме почист воздух. Доколку надлежните не превземат соодветни мерки, сосема веројатно е дека ќе се повтори стсотојбата од минатата зима, кога концентрацијата на ПМ 10 честичките се искачи и до 20 пати повеќе од максимално дозволеното. 

Зоран Јованоски