Телото на Дениса пристигна - Две недели неизвесност за семејството Маркоски
Телото за кое грчките форензичари тврдат дека е на починатата прилепчанка Дениса Маркоска стигна во Институтот за судска медицина. Седдумина обдуценти ги прават подготовките за да се утврди идентитетот, а дополнително ќе се вклучат и форензичарите на МВР.

Нови две недели неизвесност за семејството Маркоски. Најмалку толку време ќе им треба на форензичарите да утврдат дали телото што пристига од Грција е на исчезнатата Дениса.
Направени се фотографии и ренген снимки, но форензичарите велат дека ќе биде исклучително тешко да се докаже како починала девојката. Добиениот материјал, како што велат од Институтот за судска медицина, е неподобен за анализа.
„Треба време, треба да се спроведат испитувања, анализи, колку ќе добиеме ќе видиме бидејќи телото е изразито трулежно променето“, рече Алексеј Дума, раководител на Институтот за судска медицина.
Телото е примено на институтот само со посмртница, без било каква друга документација што дополнително им ја отежнува работата на домашните обдуценти кои немаат увид што работеле нивните колеги од Грција. Според меѓународните протоколи, институциите што ја прават првата обдукција треба да достават извештај кој содржи фото албум од телото и сите органи, но и да наведат која апаратура и метода е користена во ДНК анализата.
„Сите информации коишто ќе ги добиеме по завршените анализи ќе бидат доставени до министерството за здравство, како барател на постапката и смејеството на покојната“, рече Алексеј Дума, раководител на Институтот за судска медицина.
Медицински екипи синоќа во еден часот по полноќ ги транспортираа посмртните останки, а лекарите веднаш ги отпочнаа подготовките за анализа.
Во тек е фаза на утврдување на идентитетот на телото. Ако се потврди дека станува збор за 23 годишната Дениса Маркоска, скопските обдуценти ќе се потрудат да ја откријат причината за смртта
Дениса исчезна од бродот Серинисима на кој работела на 12 септември. На 4 октомври во водите на егејското море беше најдено женско тело за кое грчките форензичари тврдат дека Дениса Маркоска.
Анита Димитријевска
