Рилски манастир - Инспирација за промоција и заштита на културното наследство
Млади од Македонија и Бугарија деновиве демонстрираат добрососедство. Работат на заеднички проект за промоција и заштита на културното наследство. Инспирација наоѓаат во Рилскиот манастир.

На Рила во златно жолто руво. Под врв веќе прекриен со снег. Есенски релјеф во чии пазуви се отвора глетка како царство за очите. Рилскиот манастир. При влезот во светилникот на духовноста не може да се остане рамнодушен. Живописен фрескопис и стотина соби на чардаци. Основан во 10 век од свети Јован Рилски, до 1557 тој останува во диецезата на Охридската архиепископија. Потоа минува под јурисдикција на печката патријаршија. Па под управа на Цариградската Вселенска патријаршија. Од 1870 веќе е под Бугарска екзархија. Сега голема е посетеноста, пред се поради неговата чудотворност.
„Затоа што тука се моштите на светецот и основач на манастирот, свети Јован Рилски. Кога дошол овде освен диви ѕверови немало ништо друго. На 4 километри одовде го основал првото светилиште кое господ го запалил за народот. И тоа не згаснало никогаш низ вековите“, вели Живка Мантаркова, постар раководител во музејскиот комплекс на Рилскиот манастир.
Група млади луѓе го намамија нашето внимание. Едните говорат македонски, другите бугарски, ама заедно се во заедничкиот проект: какода се пренесе културното наследство. поред нив храмот кој целосно бил уништен од пожар во 19 век и повторно изграденможе само да обединува.
„Овој објект е доста важен, како христијански верски објект е доста важен за македонската, бугарската, балканската и европската култура и за сите оние кои сакаат да го видат Балканот“, вели Киро Јорданов, проект лидер од Македонија.
„Целта ни е да им го промовираме културното наследство и традицијата на младите луѓе. Сега сме во Бугарија , а претходно бевме во Македонија“, вели Елена Милошева, проект лидер од Бугарија.
Некои за да си најдат спасение, други од љубопитност, трети поради минатото. Да го посети местово, Рилскиот конгрес му бил повод на Ѓорѓи Ефремов студент по историја.
„Целта била реогранизирање на македонската револуционерна организација и правење на нов концепт на начинот на кој ќе се делува во иднина во однос на онаа интелектуална и револуционерна дејност во Македонија“, вели Ѓорѓи Ефремов, студент по историја.
Рилскиот конгрес бил прв општ конгес по Илинденското востание и серијата окружни конгреси и траел еден месец. Се одржал во манастирот зашто најголемиот број делегати на организацијата посочиле дека е подобро да се одржи во близина на границата со Македонија. Околу уредувањето се судриле две струи, но се зваршило со компромис, оттогаш таа се нарекува внатрешно македонска оддринска револуционарна организација.
Фиљана Кока
