Собранието треба да ја почне постапката за неоправданите отсуства
10.11.2014 08:43
Десетти ноември е датумот кога истекуваат шест месеци од верификацијата на 34 -те мандати на пратениците од опозицијата од страна на Собранието...

Собранието на Република Македонија за денеска напладне ја закажа 21. седница на која на дневен ред се повеќе закони и одлуки. Претходно, на редовната понеделничка координација на пратеничките групи се очекува претседателот на Парламентот Трајко Вељаноски од генералниот секретар да побара евиденција за присуствата на сите пратеници од овој состав.
Десетти ноември е датумот кога истекуваат шест месеци од верификацијата на 34 -те мандати на пратениците од опозицијата од страна на Собранието. Само три пратенички од 34-те народни избраници се вклучија во работата на Собранието и се спротиставија на ставот на опозицијата за бојкот на Парламентот. Не се знае дали и колку пратеници од опозицијата ќе дојдат на денешната закажана седница на Собранието. СДСМ и помалите опозициски партии пред неколку дена повторно се изјаснија дека не се враќаат во Парламентот.
Претседателот на Собранието Вељаноски, по добивањето на евиденцијата, се очекува да побара заклучок од Комисијата за мандатно - имунитетни прашања за отсуствата, по што треба да следува изјаснување на Собранието. Мандат на пратеник може да се одземе со двотретинско мнозинство.
