Доделени 20 нови стипендии „Борис Трајковски“ за Сити колеџот во Солун
Стипендиите, кои го носат името на поранешниот претседател Борис Трајковски, се доделуваат традиционално веќе петта година по ред...

Дваесет најдобри студенти денеска добија стипендии за постдипломски студии на Сити колеџот во Солун, кој е дел од Универзитетот „Шефилд“ од Велика Британија.
Стипендиите, кои го носат името на поранешниот претседател Борис Трајковски, се доделуваат традиционално веќе петта година по ред. Секоја стипендија поединечно е во висина на уписнината на Сити колеџот и изнесува 14.890 евра од кои 50 проценти ги обезбедува Министерството за образование и наука, а останатите Сити колеџот.
Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски појасни дека се работи за петтата генерација стипендисти од Република Македонија која ќе го формализира високото образование на оваа престижна високообразовна установа.
Директорот на програмата за магистерски студии по бизнис администрација на Сити колеџот Џорџ Ефстатиадис смета дека иницијативата за доделување на овие стипендии се вклопува во Стратегијата Европа 2020 која, како што рече, дава централно место на знаењето за постигнувањето паметен, одржлив и инклузивен раст.
