Четворица доајени на македонската култура добија национални пензии
Врачени нови четири решенија за национални пензии на Вања Лазарова, Раде Силјан, Рамадан Шукри и Миле Бошевски...

Националната пензија ги потврдува уметничките вредности на делата создавани од македонските културни творци. Тие овозможуваат нашата земја да биде дел од светската културна ризница. Секој од четворицата уметници со своето творештво остава значителен белег за нашиот идентитет. Нивниот исклучителен придонес е од огромно значење и со доделувањето на додатокот на пензиите им се оддава благодарност за достигнувањата.
„Секој уметник од свој аспект и од својата професија има направено многу за макеоднската култура и уметност. Нивната професија и нивниот влог верувам дека има голема и културна и уметничка вредност“, изјави министерката за култура, Елизабета Канческа- Милевска.
Секој од нив и натаму ќе придонесува на разновиден начин за зачувување и збогатување на македонската култура. Овие уметници се бренд за нашата културен идентитет.
„Ова е големо признание за мојот влог во областа на листературата, но и за мојот повеќе децениски ангажман во областа на издаваштвото во публикувањето на македонската книга“, изјави писателот Раде Силјан.
Уметниците велат- ова е поттик за натамошната дејност во остварување на животното дело, бидејќи човекот работи и по пензионирањето.
„Ова дава уште поголем стимул за се што имаме неискажано во себе. Секој човек уметник може тоа да го каже до крајот на животот, бидејќи она што го има во себе е непресушно“, смета диригентот Рамадан Шукри.
Досега се доделени вкупно 57 решенија за национална пензија на уметници од најразлични дејности од областа на културата.
Александра Перевска
