Банките се ликвидни – има пари за стопанството
Банките се отворија кон стопанството. Го одврзаа ќесето и го засилија кредитирањето на стопанството. До крајот на годинава се очекува дополнително раздвижување на економијата и засилување на кредитната активност...

Компаниите ја засилуваат деловната активност. Економијата се раздвижува. Банките се ликвидни, подготвени за позасилено кредитирање на стопанството по поволни услови, имајќи предвид дека просечната каматна стапка на активното кредитно портфолио се движи околу 7 проценти, историски најниска досега.
„Заклучно со август, кредитното портфолио растеше со 8 проценти. Ако се има предвид дека последниот квартал вообичаено е најсилен и во стопанството и во банкарскиот сектор, очекувам овој раст да се задржи и до крајот на годинава. Банките се ликвидни, постои висока конкуренција во банкарскиот сектор, а економијата се раздвижува“, изјави Јованка Јолеска – Поповска, директорка на банка.
Сепак, еден од главните ограничувачки фактори за позасилено кредитирање на стопанството се лошите пласмани. Според последните податоци на Народна банка, во август, стапката на нефункционални кредити достигна 12,2 процента.
„Банките велат дека тешко ги наплатуваат своите пари од македонската економија. Тоа е поврзан систем, бидејќи ако банките тешко ги наплатуваат своите пари, тогаш тие стануваат поселективни при изборот на компаниите коишто ќе ги помогнат со кредити“ - изјави Антони Пешев, бизнисмен.
Банките се добро капитализирани. Има пари за компаниите, особено за оние кои се стабилни и кои имаат добри проекти, за кои банките сметаат дека се издржани и дека ќе им донесат поврат и одредена добивка од пласираните средства.
Мартин Пушевски
