МРТ дознава: Домашните превозници ќе ја промовираат Македонија како дестинација број 1 за бизнис

10.11.2014 16:52

Домашните превозници ќе ја промовираат Македонија како место за инвестирање. Камионите ќе ги обележат со налепници со името на државата. За да немаат проблем во Грција, наместо името ќе стои само државното знаме...

„Број 1 дестинација за бизнис во Југоисточна Европ“, „Инвестирајте во Македонија“, со овој натпис македонските превозници ќе ја промовираат државава низ Европа и во светски рамки.

На сите камиони, автобуси, минибуси кои возат во меѓународен сообраќај од 1-ви јануари ќе стојат овие налепници – дознава МРТ. Дизајнот е утврден. Димензиите ќе бидат различни, а целта иста- подвижна реклама за привлекување нови странски инвестиции. Превозниците се согласни – колку повеќе компании, толку повеќе работа.

„Во иднина, некој што ќе сака да инвестира во Македонија ќе значи зголемување на економијата, односно ќе значи поголем обем на работа и за нас превозниците. Штом некој инвестира се зголемува економијата и ние ќе имаме поголем превоз“, смета Горан Трпковски – претседател на Здружение на превозници – Исток.

За да ги избегнат евентуалните проблеми во Грција – на избор на превозниците  налепница со државното знаме и со содржина:  „Дестинација број 1 за правење бизнис во Југоисточна Европа“.

И оваа мерка е дел од кампањата Инвестирајте во Македонија. Покрај роуд шоуата – добар начин странските бизнисмени да слушнат и да покажат интерес, да ја скенираат државава како потенцијална дестинација за проширување на бизнисот.

 

Лука Андреев