МЗТ Скопје продолжува со Боби Митев?
Кога веќе не дадоа резултат експериментите со Змаго Сагадин и со Врбица Стефанов, несериозно, несфатливо и недозволиво ќе биде оддолжување со одлуката околу името на тренерот за до крајот на сезоната...

Поразот од Партизан ниту беше изненадување, ниту беше неочекуван. „Црно-белите“ сезонава можеби се далеку од моќта на Црвена Звезда, но тоа не беше аргумент за МЗТ Скопје да се надева на реприза на ланскиот триумф во „Пионир“. Секако, не поради бледите игри и лошите резултати на Партизан, колку поради внатрешната несреденост на нашиот кошаркарски првак, којшто се уште се бара себеси и многу тешко го наоѓа вистинскиот курс и по турбулентните месец и половина од новата сезона.
Затоа, одличното прво полувреме во Белград влева надеж. Дваесетте минути можат да бидат одредница кон којашто би можеле да се стремат „Аеродромци“, но само ако клубот конечно ја најде стабилноста којашто насушно му треба. А тоа подразбира финално решение за тренерската позиција и конечно дефинирање на играчкиот кадар, поитно од што било.
Кога веќе не дадоа резултат експериментите со Змаго Сагадин и со Врбица Стефанов, несериозно, несфатливо и недозволиво ќе биде оддолжување со одлуката околу името на тренерот за до крајот на сезоната, па макар звучното име на Мирослав Николиќ да е и најмалку познато во можниот список кандидати, ако воопшто има таков. Во крајна линија, може ли некој да гарантира дека нов странец ќе биде подобра опција од Боби Митев, којшто како асистент досега не само што има континуитет во работата со овој тим, туку оддава впечаток дека би можел и конечно да ја скрши илузијата дека се што доаѓа од страна автоматски носи и поголем квалитет.
А за да може да се очекуваат резултати на ниво на претходните две сезони во АБА, на Митев, којшто наспроти неизвесноста, многу веројатно ќе добие доверба да продолжи и понатаму, ќе му треба ростер со многу повеќе баланс и со играчи коишто пред се ќе бидат во функција на тимот. Премногу избор на пазарот нема, особено не за клуб со намален буџет како МЗТ. Промашените засилувања се причина повеќе да нема простор за лоша селекција. Дамјан Стојановски сигурно брзо ќе ја врати формата, некој ќе добие шанса за поправен, до дуелот со Металац наредниот понеделник можеби и уште некој ќе си замине. Но, најважно од се е тимот час поскоро да го добие ликот којшто потоа нема суштински да се менува до крајот на сезоната.
Само така всушност целиот годинашен настап во АБА ќе има вистинска смисла.
