Македонија со раст над просекот во регионот

10.11.2014 17:19

Порастот за оваа година е над просекот во регионот и е проектиран да изнесува околу 3,5 проценти и незначително да се зајакне следната година...

Македонија ќе ја заврши годината со раст над просекот во регионот. Годинава ќе ја заврши со раст околу 3,5 проценти, раст кој го одразува зголемениот извоз, како и зголемената лична потрошувачка.
 
Ова е оценката на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд која во изминатите две недели престојуваше во земјава, а ја искажа на заедничка прес-конференција со вицепремиерот и министер за финансии  Зоран Ставрески и гувернерот на НБРМ Димитар Богов.
 
Порастот за оваа година е над просекот во регионот и е проектиран да изнесува околу 3,5 проценти и незначително да се зајакне следната година. Растот е балансиран и го одразува зголемениот извоз, како и зголемената лична потрошувачка. Домашните инвестиции се поддржани со јавни инфраструктурни проекти, а приватната потрошувачка е исто зголемена поради зголемениот раст на кредитите, растот на вработеноста, а не поради слаба домашна побарувачка, истакна шефот на Мисијата на ММФ Ивана Владкова Холар.
 
Вицепремиерот Ставрески потенцира дека македонската економија во првите девет месеци оствари солиден економски раст кој покажува дека здраво се поставени политиките кои го овозможуваат тој раст. -
 
Во 2014 година очекуваме раст кој ќе се движи меѓу 3,5 и 3,8 проценти, што е една од највисоките стапки во Европа, можеби највисока и за следните две години. Очекуваме висок економски раст кој ќе се приближи околу 4 и над 4 проценти, доколку во светската економија нема нови рецесиски  движења, изјави министерот Ставрески.
 
Потенцира дека фискалната политика и расходите се остварува согласно планираното, како и буџетските приходи кои се на ниво на планираното.