Боби Митев тренер на МЗТ Скопје!
Иако се шпекулираше дека Србинот Мирослав Николиќ е блиску до клупата, сепак раководството на македонскиот шампион нема време за калкулирање и мораше брзо да промовира тренер по отказот на Змаго Сагадин и оставката на Врбица Стефанов...

МЗТ Скопје почна да ги решава дилемите. Откако против Партизан беше привремен, Боби Митев од денеска е постојан тренер на аеродромци. Клубот од Јане Сандански соопшти дека Митев ќе ја предводи екипата во наредниот период, не прецизирајќи детали колкава е должината на договорената соработка.
Иако се шпекулираше дека Србинот Мирослав Николиќ е блиску до клупата, сепак раководството на македонскиот шампион нема време за калкулирање и мораше брзо да промовира тренер по отказот на Змаго Сагадин и оставката на Врбица Стефанов.
Боби Митев е логично решение бидејќи беше асистент и на двајцата и добро ја познава атмосферата во екипата и во опкружувањето затоа што не е првпат во Аеродром.
По поразот од Партизан во Белград, МЗТ Скопје има можност да врзе две победи затоа што ќе биде домаќин и во домашното првенство в среда против Гоце Делчев и во АБА лигата во понеделник против дебитантот Металац.
