6 месеци неоправдано отсуство за опозициските пратеници
На редовната координација кај спикерот Вељаноски донесена одлуката на којашто ги обврзува Уставот за отпочнување на процедурата за одземање на мандатите...

И на оваа седница 31 пратеник на опозицијата не го најавија отуството, со што го исполнија законски дозволениот максимум од 6 месеци неоправдано отсуство. На редовната координација кај спикерот Вељаноски донесена одлуката на којашто ги обврзува Уставот за отпочнување на процедурата за одземање на мандатите. Најдоцна до понеделник собранискиот Генерален секретар листата со имиња треба ја достави до собраниското раководство, пратениците и до првиот човек на Комисијата за деловнички прашања, којашто во рок од 15 дена треба да излезе со предлог дали на опозициските пратеници ќе им се одземат мандатите.
Од седиштето на СДСМ уште еднаш повторена одлуката, враќање во парламентот нема.
„Игрите со датуми и ултиматуми, толкувањето на Уставот и законите е проблем на Вељановски, ВМРО-ДПМНЕ и владеачкото мнозинство“, рече Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.
Констатирање на оставките или одземање на мандатите, за што е потребно да се обезбедат во поединечното гласање за секој од пратениците 82 гласа - ова се двете опции како разрешница за празните опозициски места. Засега од парламентарното мнозинство без информација што ќе се избере како решение. Она што досега многу пати беше повторено и од Собранието и од меѓународната заедница е дека местото за политичка дебата е во законодавниот дом. Опозицијата заега останува на ставот за којшто според брифинзите на одделни пратеници постои незадоволство бидејќи, партиското раководство нема одговор дали бојкотот е вистинското решение што ќе им донесе поголем рејтинг и внатрепартиска кохезија.
Виолета Димовска
