ММФ: Македонската економнија е над просекот во регионот
Македонија ќе ја заврши годината со раст над просекот во регионот. Годинава ќе ја заврши со раст околу 3,5 проценти, раст кој го одразува зголемениот извоз, како и зголемената лична потрошувачка...

Растот на македонската економнија е над просекот во регионот, силното темпо ќе продолжи и наредната година. Ова е генералната оценка на мисијата на Mеѓународниот Mонетарен Fонд по двонеделното скенирање на економијата. Гостите од Вашингтон очекуваат економијата да порасне за 3,5%, што е иста прогноза како и владините проекции.
„Порастот е над просекот во регионот, и е проектиран да изнесува околу 3,5 проценти во 2014 година и незначително да се зајакне во следната година. Растот исто така е побалансиран - го одразува зголемениот извоз како и зголемената домашна побарувачка. Домашните инвестиции се поддржани со јавни инфраструктурни проекти, приватната потрошувачка е исто зголемена заради зголемениот раст на кредитите, растот на вработувањето и зголемените реални плати и пензии“, изјави Ивана Владкова Холар.
Гувернерот на Народната банка, Димитар Богов вели дека монетарната политика ќе ги следи движењата за да ја задржи рамнотежата и да креира услови за висок економски раст.
„Во најголем дел нашите видувања за развојот на македонската економија и за економските политики се доста слични, така што тоа ни укажува дека сме во добра насока. Монетарната политика продолжува внимателно да ги следи сите движења во македонската економија и соодветно ќе се прилагодува во наредните години, се со цел да се задржи рамнотежата која е присутна во македонската економија и на тој начин да создаде едни стабилни макроекономски услови за продолжување на развојот на економскиот раст“, изјави гувернерот Богов.
Македонската влада останува фокусирана на капиталните проекти, привлекувањето странски инвестиции, како и зголемување на извозот..Надлежните велат буџетските приходи се на планираното ниво, денарот останува стабилен, обезбедена е кредитна поддршка за фирмите.
Билјана Василева-Трендафилова
