Семејни драми со сличен мотив - љубомора или нарушени односи
И во Македонија зачестуваат ваквите убиства. За половина година се случија три слични сценарија со несреќен крај...

Најчест мотив за семејни драми е љубомора или нарушени односи. Се уште се свежи сеќавањата од случајот во мај, кога љубоморен љубовник и пресуди на екс партнерката во Ново Лисиче а потоа и сам се застрела. Во јули годинава во Аеродром од ист мотив беа усмртени две сестри по кои убиецот сам си пресуди.
Од светот речиси секојдневно доаѓаат информации за животни драми од ваков вид.
Минатата година во Бугарија, брачна двојка, нивните два возрасни синови и бабата беа пронајдени мртви во стан со повеќе убодни и прострелни рани. Убиец беше најстариот син кој имал психички проблеми.
Јавноста во Велика Британија беше згорзена од постапката на Анксианг Ду. Го уби својот поранешен деловен партнер и неговото семејство со повеќе убоди од нож, по што си легнал да се одмори на местото на злосторството, а потоа ја напуштил. Мотивот- не можел да прифати дека по десет години на суд ја изгубил парницата за лековито масло против поранешниот деловен партнер. Веста пред две години ги шокираше лондончани 14 месеци откако убиецот беше фатен во Мароко.
Преку Атлантикот. Иако поминаа 11 години, во Тексас се уште се памети приказната за убиството на двајца родители и нивниот помал син. Убиецот- постариот син! Ни самиот не знае да ги објасни мотивите за грозоморниот чин врз семејството кое неизмерно го сакал. Тоа го објасни во интервју снимено во затворот каде што ја одлежува казната.
Катерина Топалова
