Министерот Попоски во посета на европските институции во Брисел

11.11.2014 08:27

Како што најави МНР, Попоски ќе се сретне и со известителот за Македонија во Европскиот парламент Иво Вајгл (АЛДЕ, Словенија), со ко-претседавачот со Заедничкиот парламентарен комитет Алојз Петерле (ЕПП, Словенија) и со европратеникот Келам Туне (ЕПП, Естонија)...

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска и утре ќе престојува во работна посета на Брисел, каде што ќе има средба со комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан.
 
Како што најави МНР, Попоски ќе се сретне и со известителот за Македонија во Европскиот парламент Иво Вајгл (АЛДЕ, Словенија), со ко-претседавачот со Заедничкиот парламентарен комитет Алојз Петерле (ЕПП, Словенија) и со европратеникот Келам Туне (ЕПП, Естонија).
 
Планирано е шефот на македонската дипломатија да реализира заедничка средба и со претставниците на земјите-членки на ЕУ во Комитетот за Западен Балкан во Советот на ЕУ. 
 
За време на престојот во Брисел, се очекува министерот Попоски да настапи на Конференцијата „ЕУ, Балканот и регионалната стабилност”, чиј организатор е фондацијата Hanns Seidel Stiftung, а на која ќе учествуваат  копретседавачот со Мешовитиот парламентарен комитет Македонија-ЕУ Алојз Петерле, заменик-претседавачот со Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент Андреј Пленковиќ и претставници на Директоратот за проширување на Европската комисија, соопшти МНР.
 
На средбите се очекува да се разговара за актуелни прашања поврзани со европската агенда на Република Македонија, во контекст на последниот Извештај на Европската комисија и перспективите на евроинтеграцискиот процес на Република Македонија за следната година.