Мерките за самовработување најефективни во Прилеп
Владината мерка за грант за самовработување и почнување нов бизнис дава одлични резултати. Во Прилеп дури 570 отворени бизниси се со 85 насто успешност. Некои веќе вработиле и нови 30- тина лица...

27 годишниот прилепчанец Игор Мицоски ќе отвори прв Центар за рехабилитација, кинезитерапија и алтернативна медицина. Штотуку го потпиша договорот со Агенцијата за вработување.
„Добив грант од владата за почнување нов бизнис од 3.000 евра за набавување апаратура од мојата струка за кинезитерапија и алтернативна медицина. Можноста е одлична, можам да кажам“, вели Игор Мицоски, млад бизнисмен.
18 прилепчани почнуваат нов бизнис. Годинава се вкупно 65, со акцент на младите бизнисмени. Интересот е и во услужните, производните и во занаетчиските дејности.
„Имаме, исто така, автомеханичари, лимари, едно лице ќе се занимава со браварска дејност, години работело. Нам ни е еден стимул бидејќи се поттикнуваат, се повеќе, производствените дејности, дури и занаетчиите“, вели Силвана Пашоска раководител на прилепскиот Центар за вработување.
За седум години 570 прилепчани ги искористиле грантовите на владата за да започнат свој бизнис. Прилеп се смета за меѓу најуспешните со 85 насто реализација на фирмите кои и ден-денес работат и се прошируваат.
Пекарот Владимир Апостолоски е меѓу најефикасните. За една година во својата фирма вработи 31 лице. Пласира во регионот. Семејна традиција ја направи успешна.
„За нас беше отскочна штица. Ако сака човек да работи, има работа, повеќе од сигурно. Стојам на располагање ако има деца млади што сакаат да учат занает и да работат“, вели Владимир Апостолоски, пекар.
Од Агенцијата за вработување упатуваат отворен повик до младите да ги реализираат своите креативни идеи за бизнис.
Елизабета Митреска
