Фатени полски државјани кои шверцувале албанска марихуана низ Македонија

11.11.2014 13:14

Дрогата е пронајдена вчера во „Рено лагуна“ управувано од 48-годишниот Д.Л., а во возилото како сопатник патувала и 46-годишната К.С...

14 килограми високо квалитетна албанска марихуана е запленета на граничниот премин Табановце. Двајца полски државјани за 2 илјади и 500 евра требало да ја пренесат на западно- европскиот пазар.

Дрогата е пронајдена вчера во „Рено лагуна“ управувано од 48-годишниот Д.Л., а во возилото како сопатник патувала и 46-годишната К.С. Дрогата била сместена во посебно направени отвори околу ревервната гума, кај задниот браник. Била спакувана во 45 пакетчиња облепени со селотејп и покриени со свежо мелено кафе.

Царинските службеници се посомневале дека возилото е преправено и го издвоиле за детална контрола. Притоа, со отстранување на задниот браник и сечење на лимот, пронајдени се три отвори по должината на подвозјето, околу резервната гума. Во левиот отвор откриени се 14 пакетчиња, во десниот 16, а од средниот извадени се 15 пакетчиња, информира директорката на Царинската управа Наташа Радевска - Крстевска на денешната прес-конференција.

Возилото било специјално преправено во Полска од страна на лицето кое го организирало транспортот. Полските државјани денеска ќе бидат предадени на Основното јавно обвинителство, а Царинската управа најави дека ќе поднесе соодветна пријава.