„Скопје класик“: Маестралниот Кирил Трусов ќе настапи со студентите од ФМУ

11.11.2014 14:16

Кирил Трусов е редовен гостин на најпрестижните фестивали во светот. Оваа година имаше настап и на зимските олимписки игри во Сочи...

Еден од најзначајните виолинисти на својата генерација Кирил Трусов, после двата концерти на „Охридско Лето“ со кои ја воодушеви публиката, повторно пред македонската публика.

На концертот ќе настапи како солист и диригент на камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“од Скопје. Својата маестрална изведба, Трусов ќе ја потврди со изведба на четирите виолински концерти на италијанскиот композитор Антонио Вивалди, „Четири годишни времиња“.

„Чест и задоволство ми е да гостувам повторно во Македонија. Не сум прв пат тука. Настапував и на фетивалот Охридско Лето оваа година заедно со сестра ми и имавме одличен концерт. Овие денови интензивно работиме со студентите од Факултетот за музичка уметност. Големо е задоволството и искрено се надевам дека публиката ќе ужива во концертот“, изјави за МРТ виолинистот Кирил Трусов.

Студентите од Факултетот за музичка уметност, членови на Камерниот оркестар ќе имаат можност да настапат со Кирил Трусов, уметник којшто свири на виолина Страдивари која e од 1702 година, човек кој се образувал под менторство на истакнати уметници и педагози, а неговите концерти се многу високо оценети од голем број критичари во светот.

„Од исклучително значење за овие студени, за овие млади музичари е да ја имаат можноста неколку дена интензивно да работат со еден врвен уметник“, нагласува Гордана Јосифоска-Неделковска, декан на ФМУ и организатор на концертот.

Кирил Трусов е редовен гостин на најпрестижните фестивали во светот. Оваа година имаше настап и на зимските олимписки игри во Сочи.

Концертот „Скопје класик“ се одржува втора година по ред. Лани гостуваше големиот пијанист Александар Гиндин.

 

Александра Перевска