На Табановце спречен шверц на 14 килограми марихуана камуфлирана со кафе
14 килограми висококвалитетна албанска марихуана е запленета вчера на граничниот премин Табановце. Двајца полски државјани за надоместок од 2500 евра дрогата ја спакувале во багажникот на автомобилот, ја посипале со кафе и тргнале на пат. Уапсени се и предадени на кумановскиот суд.

Со свежо сомелено кафе двајца нарко дилери од Полска го камуфлирале опојниот мирис на марихианата со цел освен цариниците и полицијата да ги излажат и дресираните кучиња. Во албанскиот град Подградец натовариле 45 пакети марихуана, ги обмотале со салотејп трака и ги посипале со кафе. Во специјално дизајнирани бункери од автомобилот ја сокриле пратката и тргнале на пат.
Дајцата нарко дилери имале задача за 2500 евра албанската дрога преку земјава да ја транспортираат во Полска и да ја предадат на нивен соработник. Малопродажната цена на марихуаната се проценува на 40.000 евра.
Не стигнале до крајната дестинација. Уапсени се на излез од земјава.
„Со вадењето на задниот браник е констатирано дека лимот под браникот е свежо фарбан и е пристапено кон сечење на истиот, при што се откриени три отвори по должината на подвозието околу резервната гума“, рече Наташа Радевска – Крстевска, директор на Царинската управа.
Познавачите за МТВ велат дека прикривањето на мирисот на дрогата е релативно нов, но не и непознат изум на нарко транспортерите.
„Они секогаш размислуваат повеќе отколку што треба за да може да прикријат. Имало ситуации кога се ставало и пасти, обична паста за заби, имало ситуации кога се става и измет за да може мирисот да се прикрие“, изјави инспектор во Царинската управа.
Покрај неселективната борба со криминалот, полицијата и лекарите заеднички ја продолжуваат и кампањата за безбедност во сообраќајот и одвраќање на младата популација од користење на алкохол и дрога.
„Вкупно за оваа година се планирани да се посетат 1016 паралелки од прва до четвртта година, минатата година имавме одлична реализација и одличен успех“, рече Татјана Баевска – Вучковиќ, директор на Здравствен дом Скопје.
Кампањата ја спроведуваат 44 лекари и припадници на МВР.
Анита Димитријевска
