Аналитичари: Србија и Албанија не треба да разговараат за Косово, туку со Косово
Во Белград реакциите на посетата на Рама се бурни и нервозни поради тоа што никој во Србија не сфаќа дека Косово е држава- констатира аналитичарот Рајко Даниловиќ...

70-годишниот политички јаз во односите меѓу Србија и Албанија, дронот со знамето на голема Албанија и дипломатското надмудрување пред медиумите - како реакција на посетата на Еди Рама на Србија,продолжи со билбордите во Прешево, но и во Северна Митровица- со пораката „Добредојдовте премиеру“, секој одделно за својот премиер.
Во Белград реакциите на посетата на Рама се бурни и нервозни поради тоа што никој во Србија не сфаќа дека Косово е држава- констатира аналитичарот Рајко Даниловиќ.
„Од гледиште на Балканот и Европа,средбата е многу корисна и драгоцена. Немаше никаква ниту провакација ниту скандал. Едноставно тоа е почеток кој е тежок. Треба да се приближиме, да се запознаеме и да соработуваме. Реакциите во Србија се многу нервозни, пренагласени бидејќи е преставено дека некој ја навредува Србија. Според мене сето ова е без основа“, вели Рајко Даниловиќ, поранешен професор на Факулетот за политички науки- Белград.
Нема помирување- но мора да се соработува, констатира Даниловиќ, додавајќи дека за ова се свесни и двајцата премиери. Денешните пораки на Вучиќ беа дека е испуштена можноста за соработка за доброто на Балканот и дека е добро што се разговарало.
Притоа тој го најави доаѓањето на Рама во Декември во Белград на состанок со кинескиот премиер и лидерите на 15 земји од ЈИЕ.
Рама се поставил како адвокат за независноста на Косово, а за Вучиќ ова е провокација, е ставот на српските медиуми. Но аналитичарите се согласуваат во едно- дека Србија и Албанија не треба да разговараат за Косово, туку со Косово.
Оливер Бранковиќ
