Ќе се доисплатат субвенциите за прилепските тутунари
Ланските субвенции ќе се доисплатат деновиве, има пари. Пари за откуп на новата реколта обезбеди и прилепскиот комбинат. Вишокот тутун треба да го откупат деветте компании во земјава

Кон крајот на оваа или почетокот на идната недела ќе почне доисплатата на субвенциите за ланската реколта тутун. Парите се обезбедени, велат од министерството за земјоделство.
А новата откупна кампања чука на врата. Првите менаџери на 9 те откупни компании итно треба да дадат гаранција или да потпишат изјава дека имаат посебна сметка строго наменета за исплата на тутунарите.
Прилепскиот комбинат кој ќе откупи 3 000 тони тутун веќе го обезбеди најголемиот дел од парите. Обезбеден е и пласманот на тутунот. Се се должи, велат, на стратегиското партнерство со светскиот гигант „Филип Морис“.
Годинава родна, но со послаб квалитет. 36 000 македонски тутунари, односно над 200 000 жители во земјава произведоа 30 000 тони тутун, пет илјади повеќе од договореното со откупувачите.
„Вишок има, се стори тутунот. Вишок има“, вели Киро Јандреоски, тутунар.
Треба да се откупи целиот род, има побарувачка на светскиот пазар.
„Откупувачите ќе се преиспитаат. Мислам дека пазарот се уште побарува ориентален ароматичен тутун. Оваа година би требало да им излезе во пресрет, бидејќи имаме најава дека влегуваат уште две-три странски компании кои се живо заинтересирани за нашиот ориентален тутун. И тоа не мали количевсква, по 10 000 тони“, вели Данчо Милески од Сојузот на тутунските здруженија на Македонија.
Откупот може да почне од 17 ти ноември. Последниот рок е 15- ти наредниот месец.
Елизабета Митреска
